Вечерва од 20 часот, во Народниот театар во Штип ќе се одржи хуманитарен меморијален концерт насловен „Ансамбл Тромбони Макбрас за Филип“, во чест на роденденот на младиот музичар Филип Стевановски, кој трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март.
Концертот е во организација на „Макбрас асоцијација“ и Скопскиот брас фестивал и ќе собере врвни македонски тромбонисти и тубисти кои ќе му оддадат почит на својот колега и пријател.
На сцената ќе настапат членовите на ансамблот „Макбрас“: Владан Дробицки, Бранко Илиевски, Филип Богоевски, Никола Ристевски, Виктор Богоевски, Никола Стојановски, Алек Ѓорѓиев и Лука Костовски на тромбон, како и Александар Ниниќ и Виктор Грижев на туба. Специјални гости ќе бидат професорите Кирил Рибарски и Ташко Тодоров, во чии класи Стевановски ги заврши своите студии и средно образование.
Организаторите најавуваат дека идејата е овој концерт да стане традиција во чест на еден од најталентираните млади музичари во земјава, кој зад себе остави голем уметнички печат како пијанист, тромбонист и композитор, но и како организатор на бројни културни иницијативи во Штип и Куманово.
Влезот е слободен, а концертот има хуманитарен карактер — средствата собрани од донации ќе бидат наменети за семејствата на настраданите во пожарот во Кочани.


