Три жртви и осуммина во критична состојба по тешката автобуска несреќа кај Сремска Митровица

0
30

Во тешката сообраќајна несреќа што вчера се случи на патот меѓу Сремска Митровица и селото Јарак, животот го загубија три лица – две на лице место, а едно подоцна во болница поради тешките повреди.
Според податоците од Општата болница во Сремска Митровица, состојбата на повредените е непроменета. Вкупно 39 пациенти се задржани на лекување – осум се на одделот за интензивна нега, дваесет на одделот за општа хирургија, а единаесет на ортопедија.
Докторот Воислав Мирниќ изјави дека по несреќата биле примени вкупно 61 пациент, од кои 35 биле транспортирани во рок од 45 минути. „Осум тешко повредени пациенти се на интензивна нега, а за жал едно лице им подлегна на повредите“, рече Мирниќ.Еден од повредените пациенти бил пренесен во Центарот за итни случаи во Белград, а две лица во моментот на изјавата биле во операциона сала.
Од болницата апелираа до доброволните дарители на крв, иако залихите моментално се стабилни. За утре е најавена акција за дарување крв во Црвениот крст на Сремска Митровица од 8:30 до 13 часот.
Возачот на автобусот, 70-годишниот Д.К. од компанијата „Сирмиум автобус“, е уапсен поради сомнение дека предизвикал тешка сообраќајна несреќа со смртни последици. На него му е изречена мерка притвор до 48 часа.
Видео објавено на Инстаграм страницата „192“ покажува како автобусот со помош на јажиња бил извлечен и пренесен до главниот пат, по што сообраќајот повторно бил нормализиран.