Изборен молк. Почна гласањето за затворениците, болните и лицата во старските домови

0
11

Денеска започна гласањето за Локалните избори 2025, еден ден пред главниот изборен ден. Право на глас денес го остваруваат затворениците, лицата во домашен притвор, болните и немоќните лица, како и штитениците во старските домови.

Според податоците од Државната изборна комисија, ќе гласаат 2.162 затвореници, 8.851 болни и немоќни лица и 442 лица сместени во старски домови. Најмногу затвореници ќе гласаат во КПД Идризово – 938, а потоа следуваат затворите во Шуто Оризари со 391 и во Штип со 237 лица.
Членовите на избирачките одбори денеска ги посетуваат пријавените болни и немоќни гласачи во нивните домови, чии пријави беа одобрени од општинските изборни комисии.

Во земјава утре, на 19 октомври, ќе се одржат осмите локални избори од независноста, на кои граѓаните ќе избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Ќе се гласа на 3.474 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 советнички листи.
Право на глас имаат 1.832.415 граѓани, од кои 1.717.803 во земјата. Гласање во дијаспората не е предвидено, но иселениците кои се вратиле во земјата ќе можат да гласаат.

Гласањето утре ќе се одвива од 7:00 до 19:00 часот. Изборната кампања заврши синоќа на полноќ, по што започна изборниот молк, кој ќе трае до затворањето на гласачките места во недела.