Најмалку едно лице загина, а десетици полицајци се повредени во ноќните протести во Перу против претседателот Хозе Хери, кој ја презеде власта пред неколку дена, соопшти Канцеларијата на народниот правобранител.
Владата прогласи вонредна состојба во главниот град Лима и подготвува пакет мерки за справување со растечката несигурност, изјави премиерот Ернесто Алварез.
Протестите ги организираа младите од генерацијата Z, транспортните работници и граѓански здруженија, како дел од широка серија демонстрации против корупцијата и криминалот во земјата, кои претходно доведоа до соборување на поранешната претседателка Дина Болуарте.
Илјадници демонстранти се судрија со полицијата пред Конгресот во Лима. Полицијата употреби солзавец, а демонстрантите фрлаа камења и запалени предмети, обидувајќи се да ги срушат бариерите пред зградата.
Едуардо Маурисио Руиз (32) загина откако бил застрелан, а случајот ќе биде истражен. Претседателот изрази жалење за смртта и ги обвини „деликвентите кои се инфилтрирале во мирните демонстрации“ за насилството, најавувајќи дека ќе биде применета целосна сила на законот.



