Во државната Универзитетска општа болница „Атикон“ во Атина денеска дојде до судир меѓу полицијата и медицинскиот персонал за време на протест, додека премиерот Киријакос Мицотакис ја посетуваше институцијата. Лекарите бараа средба со премиерот поради сериозни проблеми во јавните здравствени услуги, но полицијата употреби палки, штитови и бибер спреј за да ги растера.
Здравствените работници протестираат поради недостиг на персонал, ниски плати и лоши услови за работа. Раководителот на Здружението на болнички лекари Јоргос Сидерис изјави дека 130 пациенти неодамна спиеле на носилки во ходниците поради пренатрупаност и дека итно се потребни дополнителни 125 медицински сестри за безбедност на пациентите. Премиерот Мицотакис во придружба на министерот за здравство, Адонис Георгијадис, дојде во болницата за отворање на нов оддел за онкологија и реновиран оддел за итни случаи.


