Се запалил автобус во Индија, загинале најмалку 20 лица: „Патниците немаа време да излезат“

0
66

Најмалку 20 лица загинале во пожар што избувнал во автобус во индиската сојузна држава Раџастан, пренесуваат локалните медиуми. Возилото со повеќе од 50 патници сообраќало меѓу градовите Џајсалмер и Џодпур.

„Деветнаесет патници загинаа во автобусот, а уште еден почина од повредите на пат кон Џодпур“, соопшти претставник на локалната полиција.
Според индиската новинска агенција Press Trust of India, пожарот започнал од задниот дел на автобусот и брзо се проширил низ целото возило.
„Патниците немаа време да го напуштат автобусот“, изјавил локалниот пратеник Махант Пратaп Пури за агенцијата Associated Press. Уште најмалку 15 патници се во критична состојба.

Индискиот премиер Нарендра Моди изјави дека е „потресен од загубата на животи“ и најави дека семејствата на жртвите ќе добијат отштета од 200.000 рупии (околу 1.940 евра).
Индија, најнаселената земја во светот, е позната по исклучително ниската безбедност на патиштата. Според последните достапни податоци, во 2023 година биле регистрирани повеќе од 480.000 сообраќајни несреќи, при што загинале речиси 173.000 лица, а повредени биле над 463.000.