Мицкоски денес ја пречекува Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија

0
54

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска попладне во 15:45 часот, ќе ја пречека и ќе биде домаќин на Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија, информираат од владината прес-служба.

Во 15:50 часот ќе се одржи тет-а-тет средба во Влада. Потоа во 16:05 часот ќе се одржи билатерална средба. Не се предвидени изјави за новинарите.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека од претстојната посета на Скопје на Фон дер Лајен и средбата со неа очекува реафирмирање на позицијата дека нашата стратешка цел останува полноправното членство во ЕУ, при што се надева дека во тој процес ќе има испорака и од страна на Унијата.

„Очекувам да ги реафирмираме позициите дека нашата стратешка цел останува полноправно членство во рамки на ЕУ. Некако изминативе 25 години како полека да го изгубивме образот, чекорејќи по тој пат, како малку да остана од тоа достоинство и од тој образ чекорејќи кон тој пат. Се надевам дека ќе има испорака и од страна на ЕУ, за барем малку да го зачуваме образот пред да влеземе, затоа што со изгубен образ и доистинство ниту на нив нема да им вршиме работа, а оваа Влада нема намера повеќе да губи од достоинството и образот“, рече Мицкоски.

Во врска со најавите на Фон дер Лајен за отворање на центри за вештачка интелигенција во Македонија и Србија, Мицкоски појасни дека тоа е проект, кој го туркала Владата, односно Министерството за дигитална трансформација.

Превземено: СлободнаЕвропа