Јавен обвинител отвори случај за криумчарење луксузни автомобили

0
49

Основното јавно обвинителство Скопје отвори постапка против три лица за кривични дела криумчарење и фалсификување исправи, во рамките на претходно разоткриена шема за нелегално внесување луксузни автомобили од странство. Дел од учесниците веќе се осудени или се предмет на кривичен прогон во Бугарија.

Првиот осомничен, во март 2022 година, преку граничниот премин Деве Баир организирал криумчарење на автомобил „Тојота ЦХР“ вреден 22.500 евра, користејќи лажни таблички и документи.

Втората осомничена, во август 2021 година, поттикнала двајца бугарски државјани да внесат „Лексус НХ300Х“ вреден 15.000 евра, а потоа со фиктивен договор и лажни документи регистрирала возило во земјава.
Третиот осомничен, управител на фирма, нелегално внел „Ланд Ровер – Рејнџ Ровер Евок“ вреден 17.340 евра со преправен број на шасија, и за него извадил сосема лажни документи.

Постапката за фалсификување службена исправа е отворена и против две службени лица од МВР кои се сомничат дека изготвиле и издале сообраќајни дозволи за овие автомобили.
Јавниот обвинител поднел предлог за притвор за тројцата осомничени, а за еден од нив кој е надвор од државата, мерката ќе биде применета по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.