Полициските службеници од ОВР Неготино ги лишија од слобода 50-годишниот С.Н. и неговата невенчана сопруга, 35-годишната Н.А., двајцата од Неготино.
Според пријавеното, С.Н. пред неколку месеци му позајмил 2.000 денари на жител од Неготино, а поради доцнење на враќањето, со несразмерна камата побарал накит како гаранција. На 9 октомври 2025 година, С.Н. и Н.А. го посетиле домот на оштетениот, при што физички го нападнале, а повредена била и неговата сопруга која се обидела да го заштити.
По инцидентот, со судска наредба бил извршен претрес во нивниот дом. При претресот биле пронајдени и одземени пари во различни апоени и валути, накит, вага, куршуми без документација, патна исправа на друго лице и нотес со белешки за должници. При личен преглед кај двајцата биле пронајдени пари, а по нивното приведување С.Н. физички нападнал и двајца полициски службеници.
Тие се задржани во полициска станица, а за случајот е известен јавен обвинител. Против Н.А. е поднесена кривична пријава за „насилство“ (член 386), додека против С.Н. се поднесени пријави за повеќе кривични дела: „насилство“, „лихварство“, „напад врз службено лице“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со огнено оружје или распрскувачки материјали“.
По изведување пред судија на претходна постапка, С.Н. доби мерка притвор во траење од осум дена и е спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Гевгелија.


