Ревизорите и во најновиот извештај за работењето на Пошта на Северна Македонија упатуваат бројни забелешки – од недостиг на докази за побарувања, до сомнежи во точноста на пописите и финансиските податоци.
Главната забелешка се однесува на континуираните загуби и негативните парични текови, поради што идното работење на компанијата зависи од државна поддршка.
Ревизијата покажала дека Пошта има побарувања од над 50 милиони денари без соодветна документација, а дел од приходите од меѓународно поштенско работење се преценети за над 32 милиони денари.
Иако компанијата бележи загуби, бројот на вработени продолжува да расте – од 2.093 во 2023 на 2.267 лица во 2024 година. Значително се зголемиле и трошоците за хонорарци – од 48,2 милиони на 76,9 милиони денари, односно за речиси 29 милиони повеќе за само една година.
Вкупните трошоци за вработени достигнале 1,025 милијарди денари (16,6 милиони евра), што е зголемување во однос на претходната година.
Загрижувачки е и податокот дека задолженоста на Пошта скокнала од 19,8% во 2023 година на 89,3% во 2024 година, при што компанијата подигнала краткорочни кредити од неколку државни претпријатија – МЕПСО, Државна Лотарија и Номагас Скопје.
Ревизорите заклучуваат дека поради високите трошоци и финансиската нестабилност, идното функционирање на Пошта зависи од постојана државна поддршка, пренесува фактор.мк.


