Боки 13 доби пет години затвор за „Меѓународен сојуз“ – не се појави на пресудата

0
53

Бојан Јовановски, познат како Боки 13, е осуден на пет години затвор за измама и перење пари во случајот „Меѓународен сојуз“. Шоуменот, кој моментално има активен поткаст, не се појави на суд за да ја слушне пресудата.

За делото измама тој е осуден на три години, а за перење пари исто така на три години, при што единечната казна изнесува пет години затвор.
Обвинетата Јасна Ерцеговиќ доби две години затвор, додека Христина Блажевска и таткото на Јовановски добија условни казни, сите обвинети за помагање при перење пари.

Според обвинението, преку наводен проект за изградба на старски домови, Јовановски измамил двајца бизнисмени, меѓу кои и покојниот Силјан Мицевски. Со парите од нивните фирми, тој ги финансирал телевизијата „1ТВ“, невладината организација „Меѓународен сојуз“ и купувал лични предмети.

Ова е втора пресуда за предметот кој започна во 2020 година. Првично Јовановски беше осуден на девет години затвор, но Апелација го врати случајот на повторно судење. Тој претходно беше во затвор за случајот „Рекет“, каде доби девет години, но казната му беше намалена на пет години поради здравствени проблеми.