Денеска Македонија го одбележува 11 Октомври – голем државен празник и потсетник на македонската државност, самобитност и вековната борба за слобода. Денот е неработен за сите граѓани и претставува симбол на отпорот против фашизмот и почеток на Народноослободителната борба.
На 11 октомври 1941 година започна организираното востание на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор. Со храбрите акции на Прилепскиот партизански одред – нападот на бугарската полициска станица, затворот и прекинот на електричните и телефонските линии – беше означен почетокот на вооружената борба за ослободување.
Веќе следниот ден, на 12 октомври, востанието се прошири и во Кумановско. Во месноста Менкова Колиба беше формиран Карадачкиот партизански одред, а во Студена Вода – Кумановскиот одред, кои продолжија со акциите до 17 октомври 1941 година, трасирајќи го патот кон слободата.
Овој датум е длабоко врежан во македонската историја како симбол на храброста, единството и стремежот кон слободна и независна држава. Со востанието на 11 Октомври, Македонија не стана квислиншка територија, туку жешко подрачје за окупаторот, давајќи значаен придонес во победата над фашизмот на европско и светско ниво.