Предлог веронауката да стане задолжителна – од прво одделение до крај на средно образование

0
2

Комисијата за односи со верските заедници повторно предлага воведување на задолжителна веронаука во државните училишта – овој пат од прво одделение до крај на средното образование, јавува телевизијата „24“.

Предлогот, кој веќе е доставен до Министерството за образование и Владата, е поддржан од сите пет уставно признаени верски заедници во земјата, како и од Асоцијацијата на вероучители. Според директорката на Комисијата, Оливера Трајковска, верското образование би било вклучено во предметите Етика, Етика на религии и Културно и религиозно наследство.

– Почитувањето на моралните вредности што ги негува верското образование може само да биде од полза за општеството, а не на негова штета – изјави Трајковска, додавајќи дека вероучителите изминатите години претрпеле голема неправда поради законските измени во образованието.
Од Министерството за образование за ТВ „24“ потврдија дека предлогот е примен и дека ќе биде разгледан следната недела.

Во исто време, лидерите на поголемите верски заедници денеска имаа заедничка средба, на која, според Комисијата, било нагласено дека одржуваат блиски односи и можат да разговараат за чувствителни теми без создавање тензии – пример кој, како што наведуваат, го следат и младите верници.

Ова не е првпат да се предложи воведување на веронаука во државните училишта. Таков обид имаше во 2008 година, за време на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кога предметот беше воведен како изборен меѓу Веронаука и Етика на религиите. Меѓутоа, по реакциите на јавноста и здруженијата, Уставниот суд во 2009 година ја укина таа одлука, оценувајќи дека е спротивна на уставниот принцип на секуларност и одвоеност на државата од верските заедници.