Дејан Сипковски, таткото на 21-годишниот Македонец Мартин Сипковски кој загина во експлозијата во Белград, се огласи со јавно писмо во кое побара вистината за неговиот син конечно да се открие.
„Мартин имаше само 21 година. Беше студент на Факултетот за менаџмент, манекен и поранешен ракометар на РК Вардар – млад човек со многу енергија, соништа и надежи“, пишува таткото, додавајќи дека неговиот син бил „бунтовен, но никогаш насилен“ и дека „никогаш не би направил нешто што би загрозило туѓ живот“.
Тој објаснува дека Мартин една година бил во домашен притвор во Македонија во рамки на спорна истрага, иако доказите, како што тврди семејството, укажувале дека не бил присутен на местото на настанот. „Не беше првообвинет, туку подоцна вклучен во процесот, додека вистинскиот виновник одамна избегал во Белград“, наведува Сипковски.
Според него, Мартин бил измамен и злоупотребен од луѓе кои ја искористиле неговата доверба и страв, наведувајќи го да замине во Србија со лажни ветувања дека ќе може да продолжи понатаму во друга држава.
„Бараме целосна, темелна и објективна истрага — не само од српските, туку и од македонските институции. Вистината мора да се открие до крај“, нагласува таткото, апелирајќи до медиумите да покажат одговорност и човечност, бидејќи „зад секој наслов стои едно скршено семејство и млада ќерка која ги чита тие текстови“.
Српските медиуми претходно објавија дека Сипковски наводно загинал откако неправилно ракувал со бомба, која, според нив, била набавена за ликвидација поврзана со организиран криминал. Овие информации сè уште не се потврдени официјално.
Настанот се случи на 1 октомври во Белград, а во тек е истрага и размена на информации помеѓу српските и македонските институции.


