Под мотото „Пристап до услуги за ментално здравје при итни и кризни состојби“, денеска на градскиот плоштад „Македонија“ во Скопје ќе се одбележи Светскиот ден на менталното здравје. Настанот е во организација на Универзитетската клиника за психијатрија – Скопје.
Од Клиниката истакнуваат дека преку овој јавен собир сакаат да испратат порака дека здравствените професионалци се достапни, блиску до граѓаните и подготвени да одговорат на сите потреби поврзани со менталното здравје.
Посетителите ќе имаат можност да разговараат со психијатри, психолози и други стручни лица, кои ќе даваат информации, ќе одговараат на прашања и ќе упатуваат кон достапните ресурси. Настанот симболизира заедништво, поддршка и солидарност – темелни вредности за колективно заздравување во време на криза.
Организаторите упатуваат повик до институциите, организациите, училиштата, медиумите и граѓаните за обединување околу темата на менталното здравје.
– Заедно можеме да изградиме општество во кое менталното здравје е вреднувано, заштитено и достапно за сите. Со грижа, солидарност и навремена интервенција можеме да спасиме животи, да го намалиме страдањето и да создадеме простори за надеж и закрепнување, се наведува во соопштението на ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје.


