Грам кокаин за 4.000 денари, марихуана по 500

0
36

Министерството за внатрешни работи во координација со Обвинителството за гонење на организиран криминал спроведе акција на повеќе локации низ Скопје, при што биле пронајдени кокаин, марихуана и куршуми за пиштол. Засега не е објавено колкава количина на дрога е запленета.

По неколкумесечна предистражна постапка, отворена е истрага против четири лица под сомнение за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции според член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Еден од осомничените се товари и за неовластено изработување, држење и тргување со оружје и експлозивни материи според член 396 став 3.

Според истрагата, осомничените од февруари до октомври годинава се здружиле со цел нелегална продажба на кокаин и марихуана. Првоосомничениот ја набавувал и складирал дрогата на безбедна локација во Скопје, а потоа делови од неа им ги предавал на останатите членови на групата, кои ја препродавале на крајните купувачи. Кокаинот се продавал по 4.000 денари за грам, а марихуаната по 500 денари за грам.