По две години војна и страдање, жителите на Газа и семејствата на израелските заложници со солзи и радост ја пречекаа веста за договорот меѓу Израел и Хамас.
Во Газа, илјадници излегоа на улиците да слават, аплаудирајќи меѓу урнатините и скандирајќи „Алаху Акбар“. „Фала му на Бога за крајот на крвопролевањето“, рече Абдул Маџид Абд Рабо од Кан Јунис. „Целиот свет е среќен поради прекинот на огнот.“
Во Тел Авив, на „Плоштадот на заложниците“, каде семејствата две години бараа враќање на своите најблиски, владееше еуфорија. „Не можам да дишам, преплавена сум од олеснување“, изјави Еинав Заугаукер, мајка на еден од заложниците.
Договорот, постигнат со посредство на Египет и според планот на американскиот претседател Доналд Трамп, предвидува прекин на огнот и враќање на сите заложници. Сепак, израелската војска предупреди дека северна Газа сè уште е опасна зона.
И покрај стравот и неизвесноста, многумина во Газа гледаат надеж за нов почеток. „Едвај чекаме да се вратиме дома, дури и ако се уништени. Само да има мир,“ рече раселениот Тамер Ал-Бураи.
Властите во Газа тврдат дека во војната загинале повеќе од 67.000 луѓе, додека Израел известува за 1.200 убиени и 251 киднапиран граѓанин.
По две години разурнување, ова примирје носи надеж дека крвопролевањето конечно ќе заврши и дека Блискиот Исток може да почне ново поглавје, пренесува Дојчевеле.


