ИРЛ: Бавна истрага за брзите кредити – обвинение сѐ уште нема

0
62

Половина година по отворањето на истрагата против 43 лица за измами со брзи кредити, Обвинителството сѐ уште нема поднесено обвинение. Обвинителот побарал дополнителни шест месеци за завршување на постапката, а дел од осомничените веќе се на слобода.

Истрагата беше покрената во април, откако Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави дека организирана група со лажни лични карти подигала брзи кредити на име на граѓани. Метa биле најчесто лица од социјален ризик или со чиста кредитна историја.
Тројца од осомничените беа во притвор, но сега сите се надвор – на двајца притворот им е заменет со мерки на претпазливост, а третиот издржува казна за друго дело.
Обвинителството наведува дека сѐ уште се вршат распити и се собираат докази. Доколку истрагата не заврши ниту во продолжениот рок, може да биде запрена, а оштетените граѓани имаат право да поднесат приговор.
Според наодите на ИРЛ, дел од податоците за жртвите биле добиени преку службеник во Фондот за здравство, а измамите се вршеле со фалсификувани лични карти и фиктивни вработувања.
Новинарското истражување откри дека меѓу осомничените е и Димитар Кратовски, кој првично тврдел дека е укажувач, но подоцна било утврдено дека и самиот имал улога во измамите.