Терор наместо грижа: Стари лица тепани, малтретирани и гладни во домови за стари лица

0
14

OJO поведе истрага за злоупотреби и малтретитање во приватни установи за сместување стари лица.

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против две лица осомничени за продолжена злоупотреба на службена положба и малтретирање на штитеници во две приватни установи за стари лица, лоцирани на улиците „Рудо“ во Бутел и „Козара“ во Центар.

При претресите утврдено е дека осомничените постапувале спротивно на законот и стандардите за социјална заштита, злоупотребувајќи ја службената позиција за имотна корист. Во домот во Бутел биле сместени 27 лица иако имале дозвола само за 21, а во Центар 33 лица наместо дозволените 17. Во собите се мешале машки и женски штитеници, а за кревети немало доволно – дел од старците спиеле на троседи или по двајца на ист кревет.

Сите корисници добивале храна со изминат рок, дел биле заклучувани во посебни простории, а некои примале лекови без лекарски препишување. Осомничените немале обезбедено доволен број стручни кадри, а службата за лична хигиена и медицинска нега била сериозно запоставена.
Вршеле физичко и психичко насилство со цел да им нанесат физичка и душевна болка, односно страдање на корисниците и ги изложувале на сурово, нечовечко и понижувачко однесување.
По наредба на јавниот обвинител, сите штитеници биле прегледани од стручни лица од Институтот за судска медицина, а установите се затворени. Надлежните обезбедиле соодветно сместување за корисниците.