Снегот што паѓа во Србија од вчера предизвика хаос, а вонредна состојба е прогласена на четири места – Ивањица, Нова Вароша, Медвеѓа и во областа Ариље.
Поради обилните снежни врнежи што паднаа на територијата на Ариље во последните 24 часа, вонредна состојба е прогласена во дел од општината, изјави претседателот на општината, Предраг Маслар.
„Најтешко е во селата Добраче, Бјелуша, Бреково, Висока, Радошево и Крушчица, каде што над 1.500 жители се без струја. Сите расположиви екипи се на терен и работат на санирање на штетите предизвикани од паѓање дрвја и оштетување на далноводите“, рече Маслар, пренесува РТС. Во моментов, до Црна Трава е невозможно да се стигне од ниту еден правец, сите регионални и локални патишта се непроодни.


