ОЈО Штип поднесе обвинение за убиството на турски државјанин во Штип

0
113

Основното јавно обвинителство Штип поднесе Обвинителен акт за петмина турски државјани инволвирани во убиството на Енес Оздемир од Турција во мај годинава во Штип.
Извршителот се товари за кривично дело убиство за кое следи најмала затворска казна од пет години и неовластено држење на оружјето со кое било извршено убиството каде казната е од три до 10 години според Кривичниот законик.
Тројца од обвинетите кои му помогнале да го изврши кривичното дело, ќе одговараат за убиство за што ги следува иста казна како и извршителот, додека една обвинета се товари за помагање за кое може да добие до пет години затвор.
Првообвинетиот 21- годишник без регулиран престој во државава, на почетокот на мај од непознато лице во Скопје, неовластено купил полуавтоматско огнено оружје –пиштол марка “FEG” , калибар 9 мм, со избришани податоци за модел и сериски број, стои во соопштението од ОЈО Штип.
Преку мобилни апликации се договорил со оштетениот на 8 мај да се сретнат во кафе бар во центарот на Штип, седнале на една од масите во аголот од летната тераса на кафе барот и разговарале околу 15 минути. Во еден момент обвинетиот отишол до тоалетот и веднаш се вратил, го извадил пиштолот и започнал да пука кон оштетениот, нанесувајќи му шест огнострелни повреди од кои починал.
Тројца обвинети свесно му обезбедиле логистичка поддршка на првообвинетиот за извршување на убиството – му обезбедиле сместување во својот стан, му помогнале да набави пиштол и го превезле до Штип на денот на делото.
По убиството, петтата обвинета со своето возило ги превезла останатите кон скопје. Пред патарината „Миладиновци“, забележувајќи полициска контрола, таа свесно застанала околу 300 метри пред рампата и му овозможила на првообвинетиот да побегне покрај автопатот, каде подоцна бил пронајден и уапсен.
Останатите обвинети биле запрени од полицијата и, иако се обиделе да избегаат, биле брзо фатени и лишени од слобода. За четворица се побара продолжување на притвор, додека за петтата обвинета се на сила мерки на претпазливост.