Локални избори 2025 – Претставување: Зошто Пехчево треба да гласа за Златко Николовски

0
1357

Зошто се кандидирате? Што е мотивот?

Мојата кандидатура е резултат на искрена желба и обврска кон граѓаните. Не сум тука заради функцијата, туку заради можноста да направам конкретни промени. Мојата мотивација е љубовта кон мојата општина и вербата дека можеме да ја направиме подобро место за живеење.

Колку е важно да се има визија за општината и за општеството во целина?

Визијата е темелот на секое успешно управување. Ако немаме визија, тогаш само „гаснеме пожари“ и решаваме проблеми од ден за ден. Јас верувам дека развојот на општината не е само во патишта и инфраструктура, туку и во создавање средина каде што луѓето ќе имаат перспектива, младите ќе останат, а бизнисите ќе се развиваат. Тоа е дел од визијата за општината, но и придонес кон визијата за едно понапредно и подобро општество.

Што мора да се направи во следниот мандат? Дали се доволни инфраструктурни проекти?

Инфраструктурата е важна – без патишта, вода и канализација нема основа за живот. Но таа е само почетна точка. Мора да инвестираме и во образование, здрави навики, култура, спорт и економски развој. Она што ќе направи разлика е создавање услови луѓето да останат, да работат и да се гордеат со своето место.

Колку се важни младите за нашата општина?

Младите се иднината на секое место. Ако тие заминат, тогаш општината нема перспектива. Затоа мора да им понудиме можности – образование, спортски и културни активности, но и економски услови за да останат. Нивниот глас и идеи мора да бидат слушнати.

Како гледате на општата безбедност на граѓаните?

Безбедноста е основа за нормален живот. Имаме предизвици со сообраќајот, уличното осветлување, дивите депонии и некои безбедносни ризици. Решението е во подобра координација меѓу општината и институциите, поголема превенција, модерна инфраструктура и активно вклучување на заедницата.

Доброто планирање на просторот и мобилноста – дали се клуч?

Апсолутно да. Ако однапред не планираме, подоцна плаќаме скапи грешки. Треба да се осмисли урбан развој којшто е приспособен кон потребите на граѓаните, со чист транспорт, пешачки и велосипедски патеки и јавен превоз. Тоа е клучот за побрз развој и поквалитетно живеење.

Загаденост, депонии, јавна чистота – дали сме осудени на тоа?

Не сме осудени –должни сме да се бориме против тоа. Мора да се зајакне системот за управување со отпад, да се инвестира во почисто греење, повеќе зелени површини и модерни технологии. Со дисциплина, инспекциска контрола и јавна едукација можеме да направиме промена.

Довербата на граѓаните и борбата против корупцијата?

Знам дека граѓаните се разочарани. Но тоа не значи дека треба да се помириме со состојбата. Општината мора да биде транспарентна, отворена и достапна. Секоја одлука треба да биде јавно објавена, секоја активност објаснета. Верувам дека довербата се враќа со дела, а не со зборови.

Иселувањето и наталитетот – имаме ли иднина без луѓе?

Не, немаме. Луѓето се најважниот капитал. За да останат, мора да видат перспектива – работа, услови за живот, културен и спортски живот, сигурност. Треба да ги мотивираме младите семејства со поддршка, градинки, образовни и здравствени услуги.

Зошто граѓаните да гласаат за вас?

Затоа што не ветувам невозможни работи. Секогаш сум работел чесно, отворено и со љубов кон ова место. Она што ме разликува е што не гледам на функцијата како привилегија, туку како обврска. Сакам заедно со граѓаните да градиме општина со визија, развој и перспектива.