Катастрофални поплави на бугарското приморје: Тројца загинати, над 100 повредени, прогласена вонредна состојба

0
62

Катастрофални поплави предизвикани од обилни врнежи го зафатија бугарското одморалиште Елените и поширокиот регион на Бургас. Во невремето животот го загубија еден граѓанин и двајца спасувачи, а над 100 лица се повредени, соопшти министерот за внатрешни работи на Бугарија, Даниел Митов.
Жртвата била затекната од првиот голем бран во приземјето од сопствениот дом. Митов апелираше до населението да не се спротивставува на наредбите и навремено да се евакуира, нагласувајќи дека состојбата е сериозна, а точниот број на засегнати сè уште не е познат.

Од поплавените згради беа извлечени шест жени, меѓу кои три полски државјанки, а во спасувачката операција учествуваат нуркачи, амфибиски бродови и екипи од Несебар и Поморје.

Градоначалникот на Бургас, Димитар Николов, прогласи делумна вонредна состојба што ќе трае до 6 октомври, откако за само 12 часа во делови од регионот наврнаа повеќе од 250 литри дожд на квадратен метар. Урнат мост во областа Черници ги отсече вилите од патна врска, а во Крајморје пет рибарски брода се превртеа.
Сообраќајот е ограничен во повеќе населени места, а локалните власти ги повикуваат граѓаните да останат во своите домови и да избегнуваат патувања додека не се стабилизира ситуацијата.