Д-р Огнен Ивановски со престижна европска награда за придонес во реконструктивната урологија

0
86

На годишниот конгрес на Европската асоцијација на генито-уринарни реконструктивни хирурзи (ESGURS) и Европската асоцијација за андролошка урологија (ESAU), што се одржа во Торино, Италија, престижната награда за најдобра видео-презентација му беше доделена на д-р Огнен Ивановски од Универзитетската клиника за урологија во Скопје.

Наградената презентација ја прикажува ретка и исклучително комплексна хируршка процедура на генитална реимплантација и реконструкција, самостојно изведена и документирана од д-р Ивановски. Станува збор за прв светски видео-запис што детално ја објаснува оваа техника.

Пациентот бил следен три години по интервенцијата со одлични резултати и без сериозни компликации. Меѓу бројните трудови од водечки европски и светски експерти, трудот на д-р Ивановски беше издвоен како најзначаен придонес во областа на реконструктивната урологија за 2025 година.
„Ова признание е поттик да продолжам со уште поголема посветеност во интерес на пациентите и развојот на науката,“ изјави д-р Ивановски по доделувањето на наградата.
Со ова признание, Универзитетската клиника за урологија во Скопје и Македонија уште еднаш потврдија дека можат рамноправно да конкурираат со водечките европски и светски медицински центри.