На 3 октомври 1995 година, во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје, беше извршен атентат врз првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров.
Експлозијата ја предизвика автомобил-бомба скриена во „цитроен ами 8“, во кој биле поставени околу 20 килограми експлозив. Тој беше активиран со далечински управувач во моментот кога службеното возило на претседателот се движеше кон Собранието. Непосредно пред нападот, патот му го забавило едно „фиќо“.
Глигоров го преживеа нападот со тешки повреди на главата, но загина неговиот возач Александар Спировски. Повредени беа и телохранителот Илчо Теовски, како и случајните минувачи Климе Коробар и Јован Атанасовски. Од последиците на повредите почина и Христо Христоманов, кој се затекнал на местото на експлозијата.
Истрагата што ја поведе тогашниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски и денес, три децении подоцна, останува отворена. Полицијата презела обемни активности – биле претресени над 30.000 возила и повеќе од 15.000 објекти, легитимирани биле околу 188.000 лица, од кои 19.000 биле и претресени. Сепак, конкретен сторител никогаш не беше откриен.
Истражната постапка утврдила дека нападот бил внимателно планиран и професионално изведен, а историчарите и сведоците од тоа време ќе кажат дека единствена среќна околност е што претседателот Глигоров го преживеа.
Киро Глигоров ја заврши својата политичка мисија како прв претседател на независна Македонија.
Почина на 1 јануари 2012 година, во 94-тата година од животот.


