„Клириншки интербанкарски системи АД Скопје“ (КИБС) доби дозвола од Народната банка за оператор на платен систем за инстант кредитни трансфери во денари, согласно Законот за платежни услуги и платни системи.
Со оваа лиценца се заокружува платформата „КИБС Инстант“, која овозможува извршување инстант плаќања во земјата, достапни 24/7/365, со трансфер на средства за помалку од 10 секунди – без разлика дали праќачот и примачот се во иста или различна банка.
Инстант плаќањата носат повеќекратни придобивки: за граѓаните – брзина и удобност, за компаниите – подобра ликвидност и поефикасна наплата, а за економијата – намалени трошоци и поголема дигитализација на финансиските текови.
Новата платформа е усогласена со европските стандарди и овозможува идно поврзување со СЕПА шемата за прекугранични инстант плаќања. Така Македонија се подготвува да чекори во линија со европската регулатива за инстант плаќања што стапи на сила во јануари 2025 година.


