Во четврток и петок, на 2 и 3 октомври, регионот, вклучително и Македонија, ќе биде зафатен од зимски ладен бран што доаѓа од североистокот и Русија. Се очекува формирање на секундарен циклон над Медитеранот, кој ќе донесе интензивни врнежи од дожд, особено во западниот и северниот дел од земјава.
Со спуштањето на температурите, врнежите ќе преминат во снег, особено на планините и повисоките места, каде што ќе се формира првата снежна покривка за оваа сезона.
Според најновите метеоролошки анализи, снежната граница може да се спушти и под 1000 метри надморска височина, што значи дека снег е можен и во некои повисоки населени места, па дури и во делови од градовите во западна и северна Македонија.
Ова ќе биде прв посериозен продор на студен воздух за оваа есен, а детална метео анализа се очекува наскоро, со повеќе информации за количината на врнежи и траењето на зимските услови.


