Започна официјалната изборна кампања за локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври, додека вториот круг е закажан за 2 ноември. Ова ќе бидат осми локални избори од независноста на државата.
За довербата на граѓаните ќе се натпреваруваат 309 кандидати за градоначалници и 576 советнички листи со вкупно 10.490 кандидати.
Според Избирачкиот список, право на глас имаат 1.832.415 избирачи. Меѓу нив, 112.000 се на привремена работа или престој во странство, 2.162 издржуваат затворска казна или се во притвор, а 450 лица се сместени во домови за стари лица.
Гласањето ќе се спроведе на 3.480 избирачки места, а на 132 локации со помалку од десет гласачи тие ќе гласаат на најблиското избирачко место.
Буџетот за овие локални избори изнесува 9,76 милиони евра, од кои најголемиот дел се наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање.
Локалните избори традиционално се одржуваат во октомври на секои четири години. Првите беа организирани во 1996 година, а последните во 2021 година.


