Крвав напад во Мичиген: Најмалку четворица мртви, осум повредени во напад врз црква

0
44

Најмалку четири лица загинаа, а осум се повредени во вооружен напад во градот Гранд Блан, во американската сојузна држава Мичиген. Напаѓачот со возило влетал во Мормонска црква за време на неделната миса, потоа отворил оган кон верниците и ја запалил зградата.

Напаѓачот е идентификуван како Томас Џејков Санфорд, поранешен воен ветеран кој од 2004 до 2008 година служел во Ирак. Тој бил жител на блискиот град Бартон и загинал во престрелка со полицијата. Првично беше соопштено за двајца загинати, но дополнителни жртви беа пронајдени подоцна во остатоците од црквата.
Помалку од 14 часа пред овој напад, во Северна Каролина се случи друг вооружен инцидент со сличен профил на напаѓач. Поранешен маринец, 40-годишниот Најџел Макс Еџ, од брод отворил оган кон кафуле во Саутпорт, при што загинале три лица, а петмина биле ранети.

Американскиот претседател Доналд Трамп го осуди нападот во Мичиген, нарекувајќи го „уште еден целен напад врз христијаните во САД“. „Осомничениот е мртов, но сè уште има многу да се дознае. Мора веднаш да заврши епидемијата на насилство во земјата“, изјави Трамп преку својата социјална мрежа Truth Social.
Нападот во Мичиген се случил во момент кога во црквата присуствувале стотици верници. Според податоците на Архивата за насилство со оружје (Gun Violence Archive), ова е 324. масовно пукање во САД од почетокот на годината.