Роверот Персерванс на НАСА во кратерот Езеро на Марс собра примерок од карпа што предизвика огромен интерес во научната заедница. Станува збор за формацијата „Светол Ангел“, каде што беа откриени минералите вивианит и грејгит – кои на Земјата најчесто се поврзуваат со биолошка активност.
Уште поважно, во примерокот е пронајден и органски јаглерод, основен градежен блок на животот. Научниците веруваат дека ова би можело да биде еден од најсилните докази за постоење на древен живот на Марс.
Сепак, вистинската потврда ќе може да се добие само кога примероците ќе бидат донесени на Земјата. Мисијата за нивно враќање е одложена и се очекува најрано во 2040-тите години. До тогаш, одговорот на прашањето дали сме сами во универзумот останува запечатен на Црвената планета.


