Расте незадоволството кај одгледувачите на овци од неисплатените субвенции за овците за 2024 година. Сточарите крајно разочарани од државата прашуваат – Зошто мешате политика со сточарство?
„Му кажавме на министерот да ги отвори границите кон Албанија и Косово па да се куртулиме од овците и од сточарството, а и Владата да нема веќе обврски да исплаќа субвенции за овците“, велат револтирани сточари.
Последната информација од Министерството за земјоделие што ја добиле одгледувачите на овци е дека субвенциите што требаше да им се доисплатат за 2024 година ќе ги земат во ноември, после завршувањето на локалните избори.
Сточарот Боби Бошевски, претседател на новоформираното здружение „Современ сточар“ за „Зелена берза“ изјави дека на последната средба со министерот за земјоделие Цветан Трипуновски, директорот на Платежната агенција Илија Стоилев и Никола Георѓиев претседател на Сојузот на одгледувачи на овци, им било кажано дека субвенциите не ќе можат да им ги исплатат во време на предизборие, затоа одгледувачите на овци треба да се стрпат до крајот на ноември кога се очекува да бидат завршени локалните избори со сите процедури.
„Многу сме револтирани, гневни, разочарани што во пресрет на зимата кога најповеќе ни се потребни пари за да обезбедиме храна за стоката ние сите сме оставени без пари. Од устата делиме за да купиме храна за стоката. Не скршија буквално одговорите од министерот Трипуновски и директорот на Платежната агенција Стоилев дека субвенциите не можат да ги исплатат до септември. Еве јас ги прашувам јавно – што чекаа субвенциите од 2024 година да ги влечкаат и да не ги исплатат девет месеци? Што чекаат трета година по ред, што ги немаат исплатено парите за овчарите што ги вработуваме? Ако секоја година има избори дали тоа значи дека нема да можат да ги плаќаат субвенциите, или друг е проблемот? Нека кажат што политика водат со сточарството во Македонија? “, изјави сточарот Боби Бошевски, претседател на здружението „Современ сточар“ за „Зелена берза“.
Сточарите побарале ублажување на состојбите ако не може решавање на проблемите.
Остатокот од статијата/Превземено:


