Клаудија Кардинале, гламурозен симбол на поратната италијанска кинематографија, која уживаше во долга и разновидна актерска кариера на филм и во театар, почина на 87-годишна возраст во близина на Париз, пренесоа француските медиуми.
„Ни остава наследство на слободна и инспирирана жена“, изјави нејзиниот агент Лоран Саври во порака испратена до АФП.
Таа пораснала во Тунис во семејство со сицилијанско потекло, а во филмскиот свет зачекорила во 1957 година откако победила на избор за убавина во Тунис и била наградена со патување на Филмскиот фестивал во Венеција.
Нејзината рана кариера била комплицирана од тајна бременост, за која изјавила дека била резултат на насилна врска. Синот Патрик го родила во Лондон во 1958 година, а на почетокот го одгале нејзините родители. По низа помали улоги, стекнала меѓународна слава во 1963 година, кога се појавила во филмот на Федерико Фелини „8 и 1/2“, а истата година глумела и со Барт Ланкастер во филмот „Леопард“. Наскоро ѝ се отвориле вратите на холивудските продукции, а се појавила и во хумористичниот хит „Пинк Пантер“ на Блејк Едвардс и во филмот на Серџо Леоне „Еднаш одамна на Дивиот запад“ во 1968 година.
Нејзината кариера нагло паднала во 1970-тите, по разделбата со филмскиот продуцент Франко Кристалди и започнувањето врска со режисерот Пасквале Сквитиери, со кого ја добила ќерката Клаудија. Разгневен што бил оставен поради друг маж, Кристалди побарал од пријатели и соработници од италијанската филмска индустрија да ја изопштат Кардинале, што, на пример, резултирало со тоа што Висконти ја одбил за неговиот последен филм „Невина“ од 1976 година. „Тоа беше многу чувствителен момент. Сфатив дека немам пари на банкарска сметка“, изјавила Кардинале за тој период.
Франко Цефирели на крајот ѝ помогнал, давајќи ѝ улога во телевизиската мини-серија „Исус од Назарет“ во 1977 година. Потоа продолжила да работи со други европски режисери, меѓу кои Вернер Херцог и Марко Белокио. По добивањето на наградата за животно дело на Берлинскиот филмски фестивал во 2002 година, Кардинале изјавила дека имала блескава кариера.
„Преживеав повеќе од 150 животи – како проститутка, светица, романтичарка, секоја можна жена. Прекрасно е да се има оваа можност и постојано да се менуваш“, изјавила таа.


