Тешка сообраќајна несреќа се случи во селото Свети Антон, над словенечкиот град Копер, кога два камиона се судрија, а еден од нив заврши во семејна куќа, предизвикувајќи сериозна материјална штета и повреда на четири лица.
Според словенечката полиција, несреќата била предизвикана од дефект на сопирачките на еден од камионите. Двата камиона се движеле еден по друг по удолница кон Копер, кога на вториот камион му откажале сопирачките, по што го удрил првиот, се превртел и удрил во блиска куќа.
Судирот бил толку силен, што голем дел од ѕидот на двокатната куќа се срушил и завршил на коловозот. За среќа, во моментот на несреќата немало никој во куќата.
Во инцидентот се повредени четири лица: Мајка и ќерка кои се наоѓале во патничко возило во близина, и двајца возачи, кои биле заробени во камионите.
Сите повредени се префрлени во болница, а едно лице е во тешка здравствена состојба.


