Во Покраинскиот суд во Линц започна судењето против 43-годишен македонски државјанин, обвинет за обид за убиство. Инцидентот се случил на 14 јануари во населбата Ноје Хајмат, кога обвинетиот наводно пукал врз Чеченец. За делото му се заканува казна затвор од десет до 20 години или доживотна робија.
Судењето е одложено за 31 октомври, бидејќи треба да биде сослушан уште еден сведок.
Според обвинението, Македонецот преку WhatsApp го намамил Чеченецот на средба на улицата „Дизелштрасе“, каде од непосредна близина, преку отворениот прозорец на автомобил „BMW X5“, испукал куршум од пиштол „Токарев“ калибар 7,62 мм. Проектилот ја погодил рамото на жртвата, предизвикувајќи тешки повреди, меѓу кои скршеници на пршлен и на лопатка.
Обвинетиот по нападот побегнал во Швајцарија, каде што во март бил уапсен и потоа екстрадиран во Линц.
Мотивот, според обвинителството, е поврзан со нарко-средината, бидејќи жртвата наводно барала да наплати долг од 4.800 евра. Обвинетиот, кој веќе бил осудуван во Швајцарија за криумчарење и дела поврзани со дрога, засега молчи за обвиненијата. Покрај сведочењата и идентификацијата на жртвата, против него постои и ДНК-трага пронајдена на чаура од куршум на местото на злосторството.
Интересен податок е дека жртвата, Чеченецот, веќе е во затвор – во јули беше осуден на две години затвор, од кои осум месеци безусловни, за тешка уцена.


