Казахстан е на пат да стане најбогатата земја во постсоветскиот простор во однос на БДП по глава на жител, што претставува значаен напредок за централноазиската нација, која сега ги престигна традиционално посилните економии.
Според новите податоци од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), БДП по глава на жител на Казахстан, од 14.770 долари, ќе ги надмине 14.260 долари на Русија и 13.340 долари на Туркменистан, како и 13.690 долари на Кина, пишува Еуроактив.
Другите земји во регионот остануваат далеку зад Казахстан, при што Грузија, Ерменија и Молдавија се движат помеѓу 8.000 и 9.500 долари, додека соседите од Централна Азија како Киргистан и Таџикистан остануваат под 3.000 и 1.500 долари, соодветно.
Порано во годината, ММФ, заедно со големите меѓународни финансиски институции, прогнозираа позитивни економски изгледи за Казахстан, со умерен до силен раст на БДП поттикнат од сектори како што се производството на нафта, услугите и инфраструктурата.
Сепак, овие институции, исто така, советуваа претпазливост, истакнувајќи дека земјата не е имуна на глобалните економски промени или надворешни фактори, вклучувајќи забавувања во големите економии, регионални конфликти и нестабилност на цените на стоките.
И покрај овие ризици, Казахстан продолжува со големи инвестициски проекти оваа година во транспортот, логистиката и комуникациите, металургијата и хемиската индустрија, за кои се очекува дополнително да го поттикнат БДП.
Казахстан спроведува 45 големи индустриски проекти во вредност од повеќе од 4,4 милијарди долари, за кои се очекува да создадат околу 20.000 нови работни места.
Минатата 2024 година бруто домашниот производ на Казахстан бележи раст од 6,2%
Македонските компании малку тргуваат со Казахстан
Трговската размена меѓу Македонија и Кaзахстан во 2024 година изнесувала само 9,8 милиони долари. При што 8,9 милиони долари биле увоз на производи од Казахстан, додека околу 945 илјади долари биле извоз на македонски производи.
Анализата на податоците од Државниот завод за статистика покажува дека лековите се најизвезуван македонски производ во Казахстан.
Компанијата “Алкалоид” лани отвори и своја подружница во градот Алмати во Казахстан, со цел да го искористи потенцијалот кој го нуди растечкиот фармацевтски пазар на оваа централно-азиска земја, а кој се проценува на околу 2 милијарди евра.
На страната на увозот од Казахстан во Македонија, доминираат минералните горива и масла.(извоз.мк)


