Четири несреќи со мотори за еден ден – четворица со тешки повреди

0
51

Вчерашниот ден помина во знак на тешки сообраќајки со мотори ширум Македонија. Во Штип, Охрид, Свети Николе и Битола се случија четири одвоени несреќи, во кои тројца мотоциклисти и една сопатничка завршија со тешки телесни повреди, а еден возач на мопед се здоби со полесни повреди. Дел од нив управувале под дејство на алкохол.

Во Штип, 31-годишен мотоциклист од Чардаклија изгубил контрола на патот кон Плачковица и паднал на коловозот. Тој бил пренесен во болница со тешки повреди, а полицијата утврдила дека возел под дејство на алкохол со 1.67 промили во крвта.

Во Охрид, 18-годишен тинејџер од село Лескоец со мопед „априлија“ удрил во автомобил управуван од 69-годишен охриѓанец. Младиот возач завршил со тешки телесни повреди и бил хоспитализиран во болницата „Св. Еразмо“.

Во Свети Николе, на крстосница од ул.„Кочо Рацин“ и „Крсте Мисирков“, 33-годишен скопјанец со мотоцикл „хонда“ се судрил со „пежо“, управувано од 50-годишна жена. Мотоциклистот бил пренесен со тешки повреди во Клиничката болница во Штип.
Во Битола, на крстосница од ул.„Филип Втори Македонски“ и „Наум Наумовски Борче“, мотоцикл управуван од 22-годишен битолчанец се судрил со „сеат“. Со тешки повреди завршила неговата 50-годишна сопатничка, а мотоциклистот добил полесни повреди.

Полицијата апелира до возачите на мотори и мопеди да бидат максимално внимателни и да не управуваат под дејство на алкохол, бидејќи последиците можат да бидат фатални.