Мицкоски: Се подготвуваат нови мерки за цените на прехранбените производи во маркетите

0
60

Се подготвуваат нови мерки за справување со високите цени на прехранбените производи во маркетите, најави премиерот Христијан Мицкоски при вчерашната посета на Зрновци.

Тој истакна дека целта на мерките е да им се излезе во пресрет на граѓаните, додавајќи дека иако Владата не прави „естрада“ од политиките, тоа не значи дека не се преземаат активности.

„Екипите на Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита од конкуренција се постојано на терен и веќе има покренати постапки“, рече Мицкоски.
Тој потсети дека на почетокот на учебната година беше воведена таканаречената „училишна кошничка“ со која се намалија цените на дел од производите што најмногу ги користат учениците. Дополнително, премиерот најави пресметување на посебни потрошувачки кошнички – за самци, млади брачни парови, тричлени и четиричлени семејства, како и за пензионери.

„Трошоците на различни категории граѓани не се исти и не можат да се третираат еднакво. Затоа остануваме на ставот дека треба да се промени начинот на пресметка на потрошувачката кошничка“, нагласи Мицкоски.