Церемонијата за доделување на Златната топка 2025 ќе се одржи вечер во Париз со почеток во 20 часот. Името на победникот сè уште е строго тајна и го знае само главниот уредник на Франс Фудбал, Винсент Гарсија, кој ја чува информацијата од јавноста до самото објавување.
На листата на 30 кандидати се издвојуваат двајца фаворити: Усман Дембеле (ПСЖ) и Ламин Јамал (Барселона). Францускиот ас, кој минатата сезона ја освои тројната круна со ПСЖ, сè уште има мала предност. Сепак, има и мислења дека младата ѕвезда на Барселона, Јамал, би можел да ја освои наградата благодарение на одличните настапи за клубот и шпанската репрезентација.
Оваа година, Златната топка ќе се доделува врз основа на перформансите во текот на сезоната, наместо по календарска година како порано.
На церемонијата во театарот „Шателе“ во Париз ќе бидат доделени и други престижни награди: за најдобар голман, најдобар стрелец и најдобар млад фудбалер.
Наградата Златна топка се доделува од 1956 година. Лионел Меси ја освои рекордни осум пати, додека Кристијано Роналдо пет пати бил прогласен за најдобар играч во светот.


