Бонус за бебе: Полски хотели нудат награди за зачнување во нивните објекти

0
98

Полски хотелски синџир воведува награда за парови кои ќе зачнат бебиња во нивните објекти, со цел да помогне во демографското закрепнување на земјата, каде што стапката на наталитет е во континуиран пад веќе 12 години.

Синџирот „Arche“, кој истовремено се занимава и со недвижности, располага со 23 хотели, бројни згради и конференциски сали низ цела Полска.

Компанијата вети дека покрај наградата за паровите кои ќе можат да докажат дека своето бебе го зачнале во нивните хотели, ќе понуди и бесплатни семејни прослави како, на пример, крштевање на детето.Од компанијата исто така најавија дека паровите кои ќе купат стан од нив и ќе добијат бебе по вселувањето, ќе добијат бонус од околу 2.340 евра, пренесе телевизијата BFM.

Понудата важи за парови во кои барем еден од партнерите има полско државјанство, живее во Полска и е полнолетен.

Компанијата доделува и бонуси на своите вработени кои имаат деца.

Во Полска, во 2024 година бројот на новороденчиња бил за 157.000 помал од бројот на починати лица, а се очекува овој тренд да продолжи и во наредните години, предвидуваат службите за социјална заштита.

До крајот на јуни, Полска имала 37,4 милиони жители, што е за еден милион помалку во споредба со 2015 година.