Лековите семаглутид и тирзепатид, кои веќе се користат во третман на дебелина и дијабетес тип 2, покажуваат и силен заштитен ефект врз срцето. Ново големо истражување откри дека овие терапии можат значително да го намалат ризикот од хоспитализација и смртност кај пациенти со срцева слабост со зачувана ејекциона фракција (HFpEF) – еден од најчестите облици на болеста од кој боледуваат повеќе од 30 милиони луѓе во светот.
Во студија спроведена во САД од 2018 до 2024 година, со над 90 илјади учесници, се покажало дека семаглутид и тирзепатид го намалуваат ризикот од хоспитализација и смрт за околу 40 % во споредба со други терапии. Стручњаците велат дека овие резултати ги потврдуваат и претходните помали клинички испитувања и отвораат нови можности за третман на HFpEF, каде што досега изборот на терапија бил ограничен.
HFpEF најчесто се јавува кај лица со дебелина, висок крвен притисок и дијабетес, а смртноста е висока – околу 15 % годишно. Со тоа, новите сознанија даваат голема надеж за подобра контрола и подолг животен век кај пациентите.
Иако дополнителни истражувања треба да покажат дали овие лекови се корисни и за пациенти без дебелина или дијабетес, кардиолозите нагласуваат дека резултатите се охрабрувачки.
Покрај терапијата, лекарите потсетуваат дека за здраво срце се клучни и редовна физичка активност, здрава исхрана, одржување нормална телесна тежина, доволно сон, контрола на притисок, шеќер и холестерол, како и откажување од пушење.


