Регионoт Камчатка во Русија го потресоа повеќе од 120 земјотреси во период од само едно деноноќие, соопштија од Федералниот истражувачки центар на Геофизичката служба при Руската академија на науките.
Последниот посилен потрес со јачина од 5,8 степени според Рихтер бил регистриран утрово покрај брегот на Камчатка и бил почувствуван во градските области Петропавловск-Камчатски и Виључински. Според надлежните, нема опасност од цунами.
Само ден претходно, моќен земјотрес со јачина од 7,4 степени го погоди Тихиот океан, со епицентар на околу 93 километри од Петропавловск-Камчатски.
„Во регионот Камчатка се регистрирани вкупно 124 земјотреси во периодот од 9 часот наутро на 19 септември до 8 часот наутро на 20 септември“, објави центарот на својот Телеграм канал.
Камчатка се наоѓа во еден од најсеизмички активните појаси во светот. На 30 јули регионот го доживеа најсилниот земјотрес по оној од 1952 година, со јачина од 8,8 степени според Рихтер, по што речиси секојдневно се бележат последователни потреси.


