Романски европратеник ја тужи за клевета Урсула фон дер Лајен

0
34

Романскиот европратеник Георге Пипереа (AUR) поднесе тужба за клевета против претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, откако таа го поврзала него, заедно со други потписници на предлогот за недоверба против неа, со руско влијание и политички екстремизам, пренесе романскиот медиум Ziare.

Пипереа поднесе предлог за недоверба, кој предизвика дебата и гласање против фон дер Лајен во средината на јули, откако собра доволно потписи по прашањето за тајните пораки од 2021 година меѓу претседателката на Европската комисија и Алберт Бурла, извршниот директор на фармацевтскиот гигант Pfizer.

За време на јулската дебата околу недовербата, Пипереа ја обвини „недемократската“ Комисија дека го направила процесот на одлучување во ЕУ „непрозрачен и дискреционен“ и дека на тој начин институцијата предизвикала „сомнежи за злоупотреби и корупција“.

Тврдењата на Пипереа
Тужбата, поднесена пред Судот на Европската унија, отвора прашања за границите на политичкиот дискурс и одговорноста на лидерите на институциите на Унијата за време на напнати дебати во Стразбур, пишува Politico, цитирано од Hotnews.ro.

Романскиот европратеник Георге Пипереа, член на десното крило на политичката група „Европски конзервативци и реформатори“ (ECR), смета дека претседателката на извршната власт лично го нападнала во своите изјави за време на дебатите за недоверба.

Евродепутатот бара јавно извинување за коментарите на фон дер Лајен, кои според него вклучувале тврдења дека потписниците на иницијативата се „пријатели на (рускиот претседател Владимир) Путин“, „екстремисти“ и ширители на „теории на заговор“. „Значителен број“ од потписниците се приклучиле на постапката, изјавил Пипереа.

Случајот е доставен до Судот на Европската унија (СЕУ), кој сè уште не се изјаснил за неговата прифатливост, а Европската комисија одбила да ги коментира постапките на Пипереа.

Превземено: Бургас24