Историска пресуда во Италија: Кражба на храна не е злосторство кога станува збор за опстанок

0
87

Приказна од Италија, која пред речиси една деценија го обиколи светот, повторно е актуелизирана на социјалните мрежи.

Главен актер е Роман Остријаков, бездомник со украинско потекло, кој се обидел да излезе од супермаркет во Џенова со два пакувања сирење и едно пакување колбаси, во вредност од 4,07 евра.

„Никој не смее да гладува“
Остријаков во 2015 година бил прогласен за виновен за кражба и осуден на шест месеци затвор и 100 евра парична казна. Сепак, пресудата ја укинал највисокиот судски орган во Италија.

Заклучено било дека кражбата е сторена од нужда, затоа што бездомникот бил соочен со „непосредна и суштинска потреба за храна“, пренесе BBC.
Судот оценил дека во едно цивилизирано општество „никој не смее да гладува“, па дури ни „најлошиот меѓу луѓето“.

„Правото на опстанок“
Италијанските медиуми тогаш пишуваа дека пресудата е „историска“, затоа што потсетува дека во времиња на економска криза правото на опстанок мора да надвладее над правото на сопственост.

Нагласено било дека е несфатливо случај на кражба во вредност помала од пет евра да се води низ три судски процеси, додека одлуката на Касациониот суд била оценета како „исправна и праведна“.
Во пресудата стои дека „кражба на мала количина храна, сторена за задоволување на основната потреба за исхрана, не претставува кривично дело“.

Овој случај, иако стар, и денес силно одекнува во јавноста, затоа што го отвора прашањето каде завршува строгото право, а каде почнува хуманоста.