Разбојник го угризал сопственикот на дуќанот што го ограбувал. Овој ја изгубил функцијата на раката

0
46

Шеесетгодишен трговец од Истанбул преживеа драматично искуство, откако разбојник го каснал за рака, што довело до тешка инфекција.
Инцидентот се случил на почетокот на 2024 година во населбата Ускудар, но дури неодамна станал јавен кога лекарите случајот го објавиле во стручна литература.
Имено, двајца маскирани разбојници влетале во дуќанот непосредно пред затворање. Побарале пари, но продавачот им се спротивставил и успеал да совлада еден од нив.

Тогаш, почувствувал силна болка, откако разбојникот жестоко го каснал за рака. Неколку моменти подоцна исчезнал без трага, заедно со соучесникот.
Сопственикот на дуќанот заминал во локалната амбуланта, каде што му била санирана повредата, барем така изгледало на прв поглед, пренесува Oddity Central.
Состојбата се влошила

Не поминало многу време, а несреќниот човек добил висока температура, треска и болки. Во болницата „Султан Абдулахмид Хан“ лекарите утврдиле дека станува збор за сериозна инфекција предизвикана од бактерии од човечката уста.
Набргу целата рака почнала да отекува, ја сменила бојата и постоела реална опасност од ампутација.
Бидејќи стандардните третмани не давале резултати, лекарскиот тим одлучил да примени хипербарична терапија со кислород. Тој потег се покажал како спасоносен – за една недела состојбата на пациентот се стабилизирала.

По отстранување на мртвото ткиво и три месеци рехабилитација, трговецот успеал целосно да ја врати функцијата на раката.

„Ваквите бактерии можат да предизвикаат сериозни компликации кога ќе навлезат во поткожното ткиво. Во овој случај, раката беше отечена речиси двојно во однос на нормалната големина, што значително го отежна опоравувањето“, изјавил доктор Јавуз Аслан.

Случајот од Истанбул се најде во медицинската литература како пример колку човечкиот угриз може да биде опасен – често и поризичен од угриз на куче или маче.