Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека во земјава првпат се воведува методологија за енергетска сиромаштија, со која ќе се добијат јасни критериуми за препознавање на ранливите домаќинства и понатамошна заштита на овој тип потрошувачи.
„Добивме позитивен одговор од Секретаријатот на Енергетската Заедница за драфт-верзијата на Методологијата за мерење на нивото на енергетска сиромаштија. Во нивниот коментар беше потврдено дека документот е во согласност со европските стандарди и со обврските кои произлегуваат од Директивата (ЕУ), која ги задолжува земјите да воспостават и објават критериуми за утврдување на енергетската сиромаштија“, информираат од Министерството, додавајќи дека методологијата е прифатена за објава.
Ваквата методологија, како што појаснуваат од ресорното министерство, ќе им овозможи на институциите да добијат јасна слика за обемот и структурата на енергетската сиромаштија во земјата и ќе биде основа за креирање мерки за заштита на домаќинствата кои најмногу се соочуваат со тешкотии при обезбедување енергија.
Дополнително, се посочува дека примената на методологијата ќе придонесе и за усогласување со европските стандарди. Министерството веќе работи на подготвување годишна програма за заштита на ранливите потрошувачи, каде што новата методологија ќе биде централна алатка за дефинирање на приоритетите.


