Проф. д-р Блажо Боев кандидат за редовен член на МАНУ

0
66

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) ќе добие нови членови, а меѓу кандидатите за редовни академици е и проф. д-р Блажо Боев, познат геолог, универзитетски професор и поранешен ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Боев е предложен заедно со Изет Зеќири, економист и доскорешен ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Тие се дел од вкупно 22-ца кандидати во категориите редовни и дописни членови, членови надвор од работниот состав и почесни членови, за чиј прием ќе одлучува изборното Собрание на МАНУ.

Особено голем интерес има во категоријата дописни членови – предложени се дури 14 кандидати, меѓу кои се музичарот Драган Даутовски, уметниците Жарко Башески, Александар Саздовски, Невзат Бејтули-Кица и Новица Трајковски, како и писателите Ивица Џепароски и Блаже Минески.
За почесни членови се предложени универзитетските професори Владо Поповски и Трајче Стафилов.

Изборот на новите академици е важен процес за македонската наука и уметност, а кандидатурата на професорот Блажо Боев е од особено значење за Штип и Универзитетот „Гоце Делчев“, каде што со децении придонесува за развојот на високото образование и научната мисла.