На полноќ истекува рокот за поднесување кандидатури за Локалните избори 2025

0
58

До полноќ истекува рокот за поднесување кандидатури за градоначалници и членови на советите во рамки на Локалните избори закажани за 19 октомври 2025 година. Сите заинтересирани политички субјекти и овластени предлагачи можат да ги достават кандидатурите до Општинските изборни комисии (ОИК) и Изборната комисија на Град Скопје (ИКГС).

По приемот на кандидатските листи, ОИК и ИКГС се должни да утврдат дали тие се поднесени во предвидениот рок и дали се составени согласно одредбите на Изборниот законик.

Проверка на исполнетоста на условите за кандидатите се врши преку релевантни институции, кои податоците ги доставуваат во електронска форма во рок од 24 часа.

Во случај на неправилности, овластениот претставник на подносителот на листата ќе биде повикан да ги отстрани во рок од 48 часа. Доколку кандидат не ги исполнува условите, може да биде заменет со друг, при што подносителот е должен да обезбеди соодветна документација.

Редниот број на листите се утврдува преку ждрепка, која ќе се одржи најдоцна до 25 септември. Листите ќе бидат јавно објавени најдоцна 23 дена пред изборите, а во општините каде најмалку 20% од населението зборува службен јазик различен од македонскиот, тие ќе бидат објавени и на тој јазик.
Најдоцна до 27 септември, политичките партии учесници во изборниот процес ќе го потпишат Кодексот за фер и демократски избори, со што официјално ќе започне предизборната кампања.