Унгарската нискобуџетна авиокомпанија „Визер“ најави дека ќе ја затвори својата база во Виена, Австрија. Процесот на повлекување ќе се одвива постепено, во периодот меѓу октомври 2025 и март 2026 година. Како резултат на оваа одлука, неизвесна е и иднината на авионската линија Охрид-Виена, за која моментно може да се купат билети со последен лет закажан на 14 март 2026.
Како што објавуваат специјализирани веб сајтови за цивилна авијација, одлуката следува по стратешка анализа на работењето во Австрија, каде што компанијата се соочува со силна конкуренција и зголемени трошоци.
Повлекувањето ќе започне на 26 октомври 2025, кога „Визер“ ќе повлече два авиони и ќе ги укине линиите до Билбао и лондонскиот аеродром Гетвик. Целосното затворање на базата е предвидено за 15 март 2026, со прекинување на сите останати линии од Виена, меѓу кои е и врската со Охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“.


