Александар Јованов од Зрењанин повторно ја воодушеви Србија со својата хуманост и упорност. Иако користи штаки поради неуспешна операција на ногата, тој заедно со својата девојка Нина пешачеше 12 дена од Рума до Нови Пазар со една цел – да собере средства за лекување на осумгодишниот Огнен Јерковиќ, дете со дури 14 тешки дијагнози.
Резултатот од нивната мисија е неверојатен: 45.000 евра собрани преку донации, SMS-пораки и кутија за прилози, кои веднаш ќе му помогнат на малиот Оги да започне со неопходните терапии.
Александар и Нина своето патување го започнаа од Рума, а крајната цел беше манастирот Сопоќани и Нови Пазар. Дневно минувале меѓу 30 и 40 километри, а локалното население низ градовите и селата низ кои поминувале ги пречекувало со отворени врати, храна и преноќишта.
„Секој ден некој нѐ чекаше и ни даваше поддршка. Тоа е нешто што не може со зборови да се опише. Срцето ми е полно кога гледам колку луѓето се спремни да помогнат,“ вели Александар.
Иако неговата нога е сериозно оштетена поради лекарска грешка при една рутинска операција, тој не дозволува ограничувањата да го запрат. „Ја немам чувствителноста во ногата, но тоа не ме спречува. Имам волја и верба дека можам да направам нешто убаво за децата кои се борат за живот,“ додава тој.
Остатокот од статијата/Превземено: https://racin.mk/vesti/aleksandar-jovanov-so-peshachene-na-shtaki-sobra-45-000-evra-za-lekuvane-na-malechkiot-ognen/


