Полицијата и истражителите влегуваат во депонијата Дрисла која сеуште чади, го загадува воздухот и загрозува животи

0
63

Депонијата Дрисла и понатаму чади и го загадува воздухот во главниот град. Скопјани и изутрината се разбудија во град каде воздухот мириса на изгорена пластика и кој е во магла. Мерните станици во одредени делови на градот покажуваат голема концентрација на ПМ 2,5, но и на ПМ 10 честички. Па така, концентрација на ПМ 2,5 честички во Лисиче изутрината беше 7,9 пати поголема од годишната препорачана вредност на Светската здравствена организација, според податоците на „Ај-кју-ер“.

Премиерот Христијан Мицкоски е дециден дека работат на решавање на проблемот. Покрај обвинителството, каде што веќе се во тек истражни дејствија, во депонијата Дрисла влегува и полицијата. Мицкоски смета дека е „чудно како во одредени јавни претпријатија каде што свои кадри има ДУИ се случуваат вакви работи“.

Опозицијата смета дека власта е виновна што скопјани се трујат од депониите.

„Пожарот во Дрисла сѐ уште не е изгаснат, власта со денови не може да се справи додека скопјани се трујат. Ова е крајно неодговорно кон граѓаните, кон најважното – здравјето и претставува сериозна закана за уште поголема катастрофа, поради тоа што постои опасност пожарот да дојде до метанот кој се наоѓа под слоевите земја и да настане и експлозија“, велат од СДСМ.

Превземено: ДојчеВеле